Македонска берза со апликација за брзо и лесно тргување

05.12.2017 13:14

Презентирана новата апликација Е-трговец, преку која клиентите ќе можат електронски да ги праќаат налозите и да имаат увид во тргувањето.

Се олеснува тргувањето на Македонската берза. Презентирана новата апликација Е-трговец, преку која клиентите ќе можат електронски да ги праќаат налозите и да имаат увид во тргувањето.

Од Македонската берза велат дека податоците покажуваат раст на прометот. Од јануари до ноември изнесувал 4,4 милијарди денари. Додаваат дека се зголемува и бројот на странски инвеститори и на физичките лица кои купуваат на берзата.

Имаме пораст на странските купувачи, а пад на странските продавачи. Лани од куповна страна, странците учествувале околу 10 проценти, а годинава речиси се 14 проценти. Во 2016 година имаме 24 проценти кај странците продавачи, а сега тој процент е 21,5. Така што имаме добар тренд на помал нето одлив од домашниот кон надворешните пазари, посочи денеска директорот на Македонската берза, Иван Штеријев.

Просечниот дневен промет во класичното тргување изнесува 11,9 милиони денари, што е зголемување за околу 27 проценти. Зголемување има и кај тргувањето со акции за околу 55 проценти, а најголемо зголемување има кај блок трансакциите за околу 218 проценти.

Очекувањата на Македонската берза за 2018-та година се позитивни.