Каталонија

Повлечен меѓународниот налог за апсење на Пуџдемон

05.12.2017 13:20

Почна кампањата за избор на членови на Каталонскиот парламент. Пуџдемон преку видеоврска се огласи од Брисел. Ги повика поддржувачите на неговата политичка опција да продолжат со борбата за спроведување на референдумот. Повлечен е меѓународниот налог за апсење на поранешниот каталонски лидер...

Врховниот суд на Шпанија го повлече меѓународниот налог за апсење на поранешниот лидер на Каталонија Карлес Пуџдемон и четворицата министри кои избегаа во Белгија откако еднострано прогласија независност по октомврискиот референдум кој беше оспорен од централната власт. Иако петорката покажала подготвеност да се врати во Шпанија пред регионалните избори на 21 декември, судијата изјави дека се уште се соочуваат со можни обвиненија за агитирање и бунт против државата. Одлуката на правосудниот систем е делумно донесена и поради тоа што со отповикан интернационален налог, случајот нема да може да биде воден од повеќе судски надлежности.

На предизборен митинг во Барселона, разрешениот премиер на Каталонија Карлес Пуџдемон им се обрати на своите симпатизери преку видеоврска од Белгија.

„Наједноставното објаснување за значењето на 21 декември е следново: сфатете го како втор круг од гласањето на први октомври. Ние ќе одиме да гласаме и ќе мислиме на референдумот. Ги потсетувам медиумите кои страдаат од ненадејна амнезија дека каталонската меморија нема да биде избришана“, рече Пуџдемон.

На 21-ви декември се бираат членови на регионалниот Парламент, кој беше распуштен од властите во Мадрид откако беше изгласана независноста на Каталонија.

Шест други министри веќе беа ослободени со кауција во Мадрид. Двајца, меѓу кои и поранешниот каталонски потпретседател, остануваат во притвор.

 

Маја Филдишев