АРМ доби нов Центар за симулации

05.12.2017 15:57

Поддршка на обуката на командите и единиците на АРМ предвидува новиот Центар за симулации. Инвестицијата чини 1,4 милиони долари. Симулаторите ќе помогнат во справувањето на АРМ со новите предизвици, вели амбасадорот Џес Бејли. Велешката касарна ја посети и претседателот и врховен командант Ѓорге Иванов.

Командата за обуки и доктрини во Велес доби Центар за симулациии. Инвестицијата чини 1,4 милиони долари и е донација од САД. Придобивка е тоа што обуките ќе се подигнат на повисоко ниво, а офицерите ќе бидат технички потковани за носење одлуки. Центарот ќе се вмрежи со уште 33 други во регионот. На отворањето присуствуваше и шефот на државата и врховен командант на оружените сили Ѓорге Иваниов.

„Со дополнителната можност нашиот центар да се поврзи со сите вакви центри во регионот, ќе се овозможи поквалитетна обука на командите и штабовите. Се разбира дека вистинската обука се изведува на терен, но подготовките, техниките на носење на одлуки, самата организација на шабната работа на командата ќе биде подигната на највисоко можно ниво“, изјави генерал потполковник Методија Величковски, началник на ГШ на АРМ.

Според амбасадорот Бејли ова претставува зајакнување, не само на безбедноста на Македонија, туку и на нејзините партнери и сојузници, вклучувајќи ги и САД. Појасни дека овие симулатори помагаат во справување со новите предизвици, што веќе се присутни во регионот, во рамките на Европа и надвор од неа.

„Станува збор за паметна инвестиција која ќе ја подигне подготвеноста на офицерите и можноста да изведуваат операции во реални услови. Во овој месец ќе има можност припадните на АРМ повторно да одат во Авганистан како и претходно, и ние ви се заблагодаруваме за поддршката којашто АРМ ја дава“, рече Џес Бејли, амбасадор на САД во Република Македонија.

Во касарната „Алексо Демниевски“ во Велес, претседателот Иванов ги обиколи сместувачките капацитети за обука на код, ги посети војниците кои се наоѓаат на доброволно служење на воениот рок.

Пред врховниот командант беше презентирана и стручна литература која е изработена како дел од активностите за одбележувањето на 25 години од формирањето на АРМ.

 

Наташа Гркова- Петрушевска