Финансии

Продолжи расправата за Предлог- буџетот, членовите на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа

05.12.2017 16:42

Во Комисијата за финансирање и буџет продолжи расправата за Предлог- државната каса за 2018 година. Не присуствуваа членовите од ВМРО-ДПМНЕ...

Завршија надмудрувањата на релација опозиција- власт и продолжи со работа Комисијата за финансирање и буџет. Претседателката Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ официјално и без образложение ја одложи седницата, а набргу потоа пристигна ново известување од собраниската служба со кое што се најави продолжението, на кое се разгледува Предлог- буџетот за 2018-та. Седницата ја закажа претседателот на Собранието, Талат Џафери, а со негово овластување ќе претседава пратеникот Васко Ковачевски од СДСМ. Според Џафери, причина за овој негов потег е изминувањето на предвидените 10 дена за разгледување на текстот на Предлог- буџетот и на предложените 279 амандмани.

„Ние како владејачко парламентарно мнозинство сме должни да обезбедиме општа и амандманска расправа за буџетот. Верувам дека и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат на седницата и ќе дадат свој придонес во подготовката на буџетот со оглед на тоа што имаат поднесено голем број амандмани“, изјави Васко Ковачевски од СДСМ.

Во дискусијата на членовите на Комисијата од владејачката коалиција се изнесоа ставови дека предвидената државна каса за наредната година ќе овозможи стабилен економски раст и подобар живот на граѓаните. Нагласија дека очекуваат дебата со опозицијата за големината на буџетот и одделните негови позиции.

„Кога се расправавме за ребалансот на буџетот во оваа сала колегите од опозицијата беа со став дека е доволно добар, дека е солидно димензиониран и дека не треба да се намалува. Сега пред нас е буџет поголем за 4,2% од тој буџет и ќе беше интересно сега кога им е исполнета желбата за поголем буџет да слушнеме како ќе продолжеа да го напаѓаат тоа што имаме поголем буџет од последниот“, рече Панче Иванов од СДСМ.

Министерството за финансии со појаснување, дека креираната државна каса е зголемена пред сѐ поради подобрата наплата на даночните приходи во единаесетте месеци од оваа година.

„Кај персоналниот данок од доход тоа е 7%, кај данокот на добивка е повисоак за 8,9%, кај акцизите 5,3% и кај увозните давачки 9,1%“, изјави Ширет Елези- заменик министер за финансии.

Поради подобриот прилив во даночната каса Елези изјави дека бил забрзан повратот на ДДВ кон компаниите. Во периодот септември- ноември годинава биле вратени 5,9 милијарди денари односно 26% повеќе во однос на истиот период лани, појасни заменик министерката во ресорот финансии. Според Деловникот расправата за буџетот во матичната комисија треба да заврши во рок од најмногу 10 дена.

Свето Николовски