Премиерот Заев на средби во Европската комисија

06.12.2017 09:05

Уште еднаш ќе ги потврдиме нашите партнерски односи на патот на исполнување на стратешката цел Република Македонија да стане членка на ЕУ, напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил.

Премиерот Зоран Заев престојува во дводневна работна посета на Брисел. Денеска ќе се сретне со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, со претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан.

Уште еднаш ќе ги потврдиме нашите партнерски односи на патот на исполнување на стратешката цел Република Македонија да стане членка на ЕУ, напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил.

Ова се и пораките што тој вчера, како што пишува, ги испорачал и на трибината „Македонија и регионот на Западен Балкан на патот кон членството во Европската Унија“ што ја организира Центарот за европски политички студии.

Дојдовме со аргументи дека се ​​создадени позитивни случувања по долгиот, одложен процес на нашите интеграции во ЕУ. Продолжуваме да даваме резултати со силна посветеност и несомнена политичка волја, во интерес на граѓаните. Тука сме да ја покажеме подготвеноста на Република Македонија и да ја убедиме Европската комисија да донесе одлука за отпочнување на преговори за нашата земја во првата половина од 2018 година, наведува Заев.

Македонскиот премиер ќе учествува и на трибината „Македонија по Шарената револуција: Нови можности за успешно пристапување во ЕУ“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт во Брисел.

Во делегацијата што ја предводи премиерот Заев се и вицепремиерот Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.