Голем интерес за субвенции за невладини организации во земјоделството

06.12.2017 10:12

Голем интерес кај здруженијата на граѓани за јавниот повик на Министерството за земјоделство за едукација на земјоделците за поголема искористеност на парите од ИПАРД 2 програмата. Досега скоро 80 невладини организации поднеле барања за финансирање на едукативни проекти. Еден корисник за еден проект може да добие најмногу до 50.000 евра.

Целта е да се едуцираат земјоделците за поголема искористеност на европските пари од ИПАРД 2 програмата. Досега на јавниот повик барања имаат доставено скоро 80 невладини организации и здруженијата на граѓани регистрирани во Македонија.

Министерството за земјоделство ќе даде финансиска поддршка за подготовка и печатење на едукативни и информативни материјали, за трошоците за реализација на активностите на проектот, за закуп на просторот за едукација и хонорари за стручните лица.

Максималниот износ на средства кои може да се добијат е до три милони денари од вредноста на прифатливите трошоци.

Барањето треба да содржат програма за организацијата и времето на одржување на настанот, бројот на учесниците, предвидените активности и потребни финансии за нивна реализација.

Избор и одобрување на барањето го врши комисија на министерството.

 

Методија Трајков