ЕЛЕМ нема да спроведува проекти надвор од дејноста

06.12.2017 14:58

На вчерашната седница Владата одлучи АД ЕЛЕМ да не почнува никакви инвестициски активности за проекти надвор од основната дејност, а непочнатите проекти да не влегуваат во инвестициската програма за 2018 година.

Со одлука на Владата АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) веќе нема да може да спроведува проекти надвор од основната дејност, како во изминатите години. Досега ЕЛЕМ спроведуваше или беше најавен како реализатор на десетина вакви проекти како што се жичара Попова Шапка, Рајски парк, пешачко-велосипедска патека на езеро „Козјак“, автокамп „Ливадиште“, ски центар Водно, плажа Дојран, ски центар Копанки на Пелистер, конгресен центар и катна гаража во Охрид.

На вчерашната седница Владата одлучи АД ЕЛЕМ да не почнува никакви инвестициски активности за проекти надвор од основната дејност, а непочнатите проекти да не влегуваат во инвестициската програма за 2018 година. Воедно Владата и наложи на компанијата и да се испита можноста за раскинување на склучените договори за кои не е почната реализација, во случај да не постојат финансиски импликации.

Не ја спориме потребата и причината за проектите, но сите кои не се основни дејности на ЕЛЕМ, а за кои биле предвидени да  се трошат буџетски пари во 2018 година распределени кај ЕЛЕМ сега се прекинуваат, појаснија денеска од Владата на редовниот брифинг.

За почнатите проекти, каде има облигациски односи и валиден договор ЕЛЕМ треба да испита во која фаза е реализацијата, односно анализа на состојбата. Ова, укажуават од Владата, се на некој начин проценети како ненанемски пари и непродуктивни расходи за кои интенцијата е да се заштедат во интерес на заложбите на Владата да нема непродуктивни трошоци.