Заев во Софија на конференција за интеграција на Балканот

07.12.2017 07:56

На конференцијата што ќе ја отворат бугарскиот премиер Бојко Борисов и главниот извршен директор на Светската банка Кристалина Георгиева, ќе се разговара за гранични олеснувања во регионот, за интензивирање на трговијата...

Премиерот Зоран Заев денеска ќе учествува на меѓународната конференција „Посилна регионална интеграција на Балканот“, што се одржува во Софија.

На конференцијата што ќе ја отворат бугарскиот премиер Бојко Борисов и главниот извршен директор на Светската банка Кристалина Георгиева, ќе се разговара за гранични олеснувања во регионот, за интензивирање на трговијата, како и за регионални ИТ и технолошки кластери, со цел отворање перспективи за приватниот сектор.

Заев, придружуван од вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министрите за финансии и за транспорт и врски, Драган Тевдовски и Горан Сугарески, во Софија пристигна синоќа од Брисел каде што имаше средби со првите луѓе на Европскиот парламент и на Европската комсиија.

На конференцијата во Софија ќе учествуваат и премиерите на Србија и на Албанија, Ана Брнабиќ и Еди Рама, претседателите на Црна Гора и на Косово, Филип Вујановиќ и Хашим Тачи, вецпремиерот и министер за трговија на БиХ, Мирко Шаровиќ, како еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.