Раст од 0,2% на БДП во третиот квартал

07.12.2017 15:43

Во третиот квартал годинава најголем пораст од 9,8 проценти е забележан во секторите трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности...

Бруто-домашниот производ (БДП) во третото тримесечје од годинава забележа раст од 0,2 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во третиот квартал годинава најголем пораст од 9,8 проценти е забележан во секторите трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности, како и во земјоделство, шумарство и рибарство за 3,8 проценти и дејности во врска со недвижен имот од 0,9 проценти.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од годинава номинално расте за пет проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 65,5 проценти.

Во истиот период, наведува статистика, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 9,8 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 5 проценти.