Димитров во Виена на министерски состанок на ОБСЕ

07.12.2017 15:53

Шефот на дипломатијата Димитров е во Виена, на 24-от министерски состанок на Организацијата за безбедност и соработка во Европа. Стариот континент е под закана од радикализацијата и тероризмот. Жешки теми- Сирија и Украина...

„ОБСЕ е сега попотребнo за безбедноста на Европа од кога било порано“- шефовите на дипломатиите од земјите- членки на ОБСЕ на состанок во Виена. Заклучија дека безбедносните закани со кои се соочува регионот, мора да бидат надминати со консензус и надминување на споровите меѓу членките.

„ОБСЕ ќе соработува во справувањето на конфликтите во регионот, особено ќе работиме на подобрување на животните услови на населението, посилно да се бориме заедно против радикализацијата и тероризмот и да се создаде поголема доверба меѓу земјите членки“, рече австрискиот министер за надворешни работи,  Себастијан Курц.

Русија побара земјите- членки да немаат двојни стандарди и да ги почитуваат одлуките на Обединетите нации за Сирија.

„Треба да престане провокативната финансиска и друга поддршка за членките на ОБСЕ и структури како Бели шлемови во Сирија, што оди во полза на екстремистите. ОБСЕ не треба да има двојни стандарди во борбата против терористите“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Санкциите на САД остануваат во сила додека Русија не ги повлече силите од Украина, изјави американскиот државен секретар.

„Од сите предизвици на ОБСЕ, денеска ниеден не е поважен од ситуацијата во Украина“, нагласи американскиот државен секретар Рекс Тилерсон.

„Финансиската и воената поддршка на сепаратистите мора да престанат. Ја повикуваме Русија да ја отповика одлуката за анексија на Крим и Севастопол, што нема да бидат признати од ЕУ“, додаде Хелга Шмит, генерален секретар на Европските надворешни сервиси.

Земјите- членки на ОБСЕ потврдија дека почитувањето на човековите права се важна компонента на европската безбедност.

 

Ирина Гелевска