КХВ не дозволи „Балкан Петролеум“ да даде понуда за преземање на „Макпетрол“

29.12.2017 12:39

Поради добивање допис од друг надлежен орган, Комисијата констатирала дека во овој случај не може да се применува соодветниот член од Законот за преземање акционерски друштва.

Комисијата за хартии од вредност соопшти дека одлучила на компанијата „Балкан петролеум лимитид“ да не ѝ издаде дозвола за давање понуда за преземање на скопски „Макпетрол“. Поради добивање допис од друг надлежен орган, Комисијата констатирала дека во овој случај не може да се применува соодветниот член од Законот за преземање акционерски друштва.

Од Комисијата укажуваат дека според член 21 став 2 од Законот за преземање на акционерски друштва,  акционерите на целното друштво мораат да бидат целосно, точно и навремено информирани за понудата за преземање за да имаат доволно време правилно да ја оценат понудата, да ги дефинираат своите интереси и да донесат одлука за прифаќање или одбивање на понудата за преземање.

Овие информации акционерите ги добиваат токму од Проспектот кој во себе содржи детални податоци за понудувачот и за понудата за преземање, за изворите на финансирање на понудата за преземање, целта на понудата за преземање, намерата и плановите на преземачот во врска со целното друштво и сл.

Оттука, по добивањето на дописот од другиот надлежен орган, Комисијата на денешната седница констатира дека во конкретниот случај не може доследно да се применува член 27 став 3 од Законот за преземање на акционерски друштва, поради што КХВ на РМ како регулатор на пазарот на капитал не смее да толерира на акционерите да не им се достапни сите потребни и релевантни податоци  за  „Балкан Петролеум“ Холдинг Лимитед  за да донесат одлука за прифаќање или одбивање на понудата за преземање на „Макпетрол“ АД Скопје, се вели во соопштението.