Азески: Мора да се соочиме со клучните предизвици

29.12.2017 13:27

Во новогодишното интервју за коморскиот гласник, првиот човек на Стопанската комора, зборува за клучните предизвици пред македонската економија...

Само со брзи и длабоки реформи Македонија ќе успее на патот кон одржлив раст и развој. Немаме време за реформи кои ќе ни покажат дека треба да правиме соодветни реформи, смета претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески. Во новогодишното интервју за коморскиот гласник зборува за клучните предизвици пред македонската економија.

„Како мала и отворена економија, која главно се потпира на надворешната побарувачка, Македонија не може да го постигне сопствениот економски раст, доколку не се соочи со долгорочните ризици, како што се: ниското ниво на производство, на извоз, а со тоа и нискиот економски раст на прилив на домашни и странски директни инвестиции, отежнато задолжување на реалниот сектор и на државата. Фокусот да го стави на елиминирање на клучните присутни диспаритети меѓу вкупното производство и потрошувачката, како и увозот и извозот кој се покрива со задолжување. Овие стратегиски нерамнотежи мора да бидат ориентир за редефинирање на политиките, клучни за идниот економски раст за нашата земја“- вели Азески.

Македонија мора да продолжи со структурни реформи, сѐ додека дефинитивно се најде на патот кон одржливиот развој, со конкурентно стопанство, компатибилно со стопанството на ЕУ. Во тој контекст, зголемувањето на конкурентноста на македонските компании, несомнено е главниот предизвик и приоритет на економската политика, при што растот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија- смета првиот човек на Стопанската комора.