Традиционален новогодишен концерт на Битолскиот камерен оркестар

29.12.2017 14:09

На претпоследната вечер од старата година, пред битолчани Камерниот оркестар со неколку реномирани солисти на традиционален новогодишен концерт. Од оваа битолска институција велат дека овој концерт мотивира, затоа што е последниот од досега најплодната, и по обем и квалитет, година од нивното постоење.

Битолчани во чекор со европските метрополи. И овој пат во пресрет на Новата година со традиционалниот новогодишен концерт. Камерниот оркестар и неколкуте реномирани солистички имиња најавија богата програма. Од Битолскиот камерен оркестар велат дека годинешниот концерт мотивира уште повеќе. Тој е последниот од најплодната, и по обем и по квалитет, година.

„За овој концерт сме посебно мотивирани. Како солисти ќе настапат Наде Талевска, Ирина Димовска, Елена Затковска, Марија Груевска и младата Ана Гаштарова, кои ќе изведат дела од познати автори“, вели членот на камерниот оркестар, Владимир Димовски

Задоволни се што со прертходните четири концерти и како плод на соработката со познатиот Роби Лакатош и нашиот гитарист со светско реноме Влатко Стефановски, реномето го подигнале и надвор од границите на земјава.

„На концертот во Ниш на сцената заедно настапивме со светски познатиот гитарист Мајк Стерн, а на следниот концерт публиката три пати не враќаше на бис, што ретко се случувало во градот во кој настапивме“, вели неговиот колега Владимир Цветковски.

За следнава година очекуваат позасилен меѓународен исчекор. Се преговара за настап во Португалија и мини турнеја низ Хрватска. Сепак, прва задача им е утревечер да ги соберат аплаузите на битолчани, кои со голема посветеност се однесуваат на новогодишниот концерт.

Стевче Митревски