Поттик за младите иноватори

02.01.2018 10:48

Државата за прв пат, преку проект ќе ги мотивира македонските млади истражувачи и иноватори за ги претстават своите изуми и да бидат наградени. Фондот за иновации и министерството за образование меѓу македонските ученици веќе го претставуваат проектот „Предизвик за младите истражувачи“. А младите иноватори нестрпливо чекаат конечно државата да ги поттикне и да ги мотивира тука да градат кариера и нови изуми...

Дванаесет години се занимава со иноваторство, главно во техниката и роботиката. Шест пати бил државен првак. Има златни медаљи од „Макинова“ и од меѓународни натпревари. Прилепскиот матурант Давид Лазароски го знае својот предизвик и веќе го пријавил новиот изум во Фондот за иновации.

Младите македонски иноватори и истражувачи со нетрпение го пречекаа првиот проект на македонскиот Фонд за иновации и Министерството за образование. Финансиски да се поткрепат, но и да се поттикнат изумите во природните и техничките науки. Проектот почна да се претставува меѓу македонските ученици.

Училиштата се подготвуваат за јавниот повик на Фондот до 15-ти февруари. Работат тимовите од професори и ученици.

Проектот „Предизвик за младите истражувачи“ тежи 1,5 милиони денари. По конкурсот, ќе се изберат најдобрите иновации од македонските ученици.

Елизабета Митреска