Во протестите во Иран загинаа десетици луѓе, стотици се уапсени

02.01.2018 14:27

САД и Израел во одбрана на иранскиот народ. Европската унија се надева дека правото на протест ќе биде гарантирано. Во демонстрациите против владата на Техеран загинаа десетици луѓе. Уапсени се стотици. Претседателот Рохани предупреди дека насилството нема да се толерира...

Протестите во Иран кои почнаа како движење против политиката на поскапување на основните животни производи, нагло прераснаа во масовни и насилни демонстрации кои веќе зедоа десетици човечки жртви.  Американскиот претседател Доналд Трамп својата прва порака на Твитер годинава ја посвети на состојбата во Иран, застанувајќи на страната на народот. „Иранскиот народ беше угнетуван со години. Гладува за храна и за слобода. Покрај човековите права, украдено е и богатството на Иран. Време е за промена!“, порача челникот на Белата куќа.

Остри критики за владата во Техеран и од израелскиот премиер Нетанјаху.

Иранскиот претседател Рохани тврди дека Израел е зад протестите. Не само што е погрешно тврдењето, туку е и смешно. Никогаш не би го навредил иранскиот народ, заслужува подобро. Храбрите луѓе се на улиците каде што ја бараат слободата, правдата. Суровите режими на Иран трошат десетици милијарди долари на ширење на омразата. Со тие пари можеа да изградат училишта и болници. Тие се плашат од народот“, изјави Бенјамин Нетанјахупремиер на Израел.

На вонредниот состанок посветен на безбедноста, претседателот на Иран, Хасан Рохани предупреди дека иако граѓаните имаат право да протестираат, насилството нема да се толерира. Досега се уапсени речиси 500 луѓе на кои им се заканува и смртна казна доколку се докаже вина за кривичното дело Мохаребех, односно војна против Алах.

Народот ќе одговори на сите кои предизвикуваат проблеми, а овде постои малцинство.  Проблемите на народот не се само поради економската состојба. Тие бараат поголема слобода. Оваа влада нема се под своја контрола“, изјави иранкиот претседател Рохани.

Револтот кај граѓанитена Иран се зголеми откако властите блокираа некои социјални мрежи со цел да спречат натамошно организирање на протестите.

Протестите треба да пренесат порака за единство. Треба да се мирни, не насилни зашто со тоа се загрозува нашата безбедност.

Многумина сакаат да ја злоупотребат ситуацијата и да си спроведат сопствена агенда. Нивните постапки го уништуваат нашето општество“, велат жители на Иран.

Последните масовни демонстрации во Иран се случија во 2009-та година кога се оспоруваа резултатите од претседателските избори.

Маја Филдишев