САД- СЕВЕРНА КОРЕЈА

Трамп: Моето копче е поголемо и функционира

03.01.2018 10:34

Фалби меѓу американскиот и севернокорејскиот претседател чие нуклерано копче е помоќно. Трамп одговори на заканите на Ким Јонг Ун дека го имал „нуклеарното копче“ на неговата работна маса- САД имаат „поголемо и помоќно нуклеарно копче“. Ким во меѓувреме нареди „жешката линија“ со Јужна Кореја повторно да се отвори.

САД имаат многу поголемо и помоќно нуклеарно вооружување и функционира. Американскиот претседател со провокативна порака на Твитер одговори откако лидерот на Северна Кореја рече дека копчето за лансирање на нуклеарна бомба е на неговата маса во секое време. Ким Јонг Ун ги предупреди САД дека нуклеарните сили на Северна Кореја сега се комплетирани, додавајќи дека тоа не е закана, туку реалност.

САД се на дострел на нашето нуклеарно вооружување, се закани севернокорејскиот претседател, нагласувајќи дека Америка никогаш не би можела да почне војна против Северна Кореја.

Аналитичарите сметаат дека иако за сега нема реакција од Пјонгјанг, режимот на Ким Јонг Ун со воодушевување ќе ја дочека оваа реакција на Трамп, бидејќи со таквите пораки тој го третира севернокорејскиот лидер рамен на себе, што претставува своевидна победа.

Американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли пак се закани со заострување на режимот на санкции кон Северна Кореја, доколку земјата изврши уште една ракетна проба. САД веќе издејствуваа заострување на санкциите кон Северна Кореја, откако нејзината армија изврши неколку ракетни проби во 2017 година при што лансираше ракети кон Јапонија. Вашингтон изврши притисок и врз Кина, која ја обвини дека ги крши санкциите кон Северна Кореја и скришно ѝ доставува нафта.

Во меѓувреме, севернокорејскиот лидер Ким Јонг- Ун издаде наредба одамна затворената „жешка линија“ со Јужна Кореја повторно да биде воспоставена. Каналот за комуникација има за цел да воспостави официјален дијалог за испраќање на севернокорејска делегација на Зимските олимписки игри, кои следниот месец ќе се одржат во Јужна Кореја. Претставник на претседателот во Сеул соопшти дека тоа е значаен напредок. 

 

Марина Ристова