Трговија

Купувањето на интернет сѐ поатрактивно, е- трговијата со годишен раст од 30%

03.01.2018 12:47

Електронската трговија кај нас бележи раст од 30 проценти годишно. Употребата на активни платежни картички, добрата понуда од компаниите, мобилните апликации се клучни граѓаните сѐ повеќе да користат е- трговија. Сепак, во вкупната трговија учествува со два процента, што сѐ уште е мал процент, во однос на поразвиените пазари каде е над 10 насто. Според експертите провизиите за интернет трансакциите сѐ уште се високи...

Купувањето преку интернет станува сѐ поатрактивно. Речиси 85 милиони евра изнесуваат трансакциите направени од земјава кон домашни и странски компании. Според податоците на Народната банка, Е- трговијата бележи пораст од 30 проценти годишно. Употребата на активни платежни картички, добрата понуда од компаниите, интернетот, мобилните апликации беа клучни, вели Нина Ангеловска, сопственик на компанија за онлајн продажба.

Намалените цени на производите преку интернет се привлечни за потрошувачите. Најчесто се правеле нарачки за купување на облека, спортска и електронска опрема, производи за домаќинство. Искуствата од интернет шопинг - манијата се различни, од оние што порачуваат инцидентно, до оние што купуваат редовно.

Интернет трговијата во вкупната трговија учествува со околу 2%, што сѐ уште е мал процент, во однос на поразвиените пазари каде изнесува над 10 проценти. Ангеловска порачува ова е дигиталниот свет на компаниите кои сакаат да растат.

Според податоците, дури 70 проценти од потрошувачите пребаруваат на интернет пред да ја донесат одлуката за купување. Според експертите, провизиите за интернет трансакциите се сѐ уште високи. Во споредба пак со земјите од регионот, подобри во интернет-трговијата се Грција и Бугарија.

 

Дијана Ценевска