Авиосообраќај

Од Охрид авионски до Варшава, Талин, Ајндховен

09.01.2018 12:52

Со два милиона патника ТАВ Македонија ја заврши минатата година. Од Скопје директно кон 36 дестинации. Од Охрид годинава лет кон Варшава, Талин, Ајндховен...

Охрид воздушно се поврзува со Варшава, Талин, Ајндховен. Три нови сезонски линии кон Полска, Естонија и Холандија ќе бидат воведени годинава. Менаџментот на ТАВ објави- два милиони патници лани ги користеле услугите на македонските аеродроми, за 13 насто повеќе од 2016-та. Очекуваат со стапки на раст да ја продолжи и 2018-та.

„Како што знаете постојано преговараме со авиокомпании. Засега немаме конретна информација за нова дестинација од Скопскиот аеродром, но преговараме со некои авиокомпании и кога ќе имаме конкретна информација ќе ја споделиме со вас. Но, можам да ви кажам што е најавено за Охридскиот аеродром. Таму ќе имаме три нови дестинации од кои ќе доаѓаат сезонски летови во периодот мај- октомври. Естонската авикомпанија Нордика ќе отвори авиолинија Талин- Охрид- Талин, додека холандскиот тур- оператор ТУИ со својата авиокомпанија ТУИ Флај, која веќе лета од Амстердам до Охрид, во мај 2018-та ќе отвори линија и од Ајндховен“, вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој.

Со пет нови дестинации од Скопје кон Будмпешта, Малта, Рим, Ваксјо, Доха, од Охрид сезонски кон Катовице лани се прошири мрежата директни авиолетови. Најфрекфентно со над 12 насто удел во авиосообраќајот било кон Истанбул, на листата најпопуларни дестинации се и Цирих, Виена, Базел Малме, Лондон.

„Виз ер“ има превезено најголем број патници. Седми август бил најфрекфентен ден на македонското небо. За само 24 часа, на денот на УЕФА Супер купот 8.300 патници биле превезени со 98 лета. Август бил најпрометен, 216.400 патници, за 23,7 насто пораст на годишно ниво.

Скопје е воздушно поврзано со 36 дестинации, директно летаат 11 редовни авиокомпании. Од Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ три редовни дестинации, четири дополнителни сезонски чартери во текот на летото.

Терминалите на Скопскиот аердром може да опслужат четири милиони патници. Бројот расте, менаџментот очекува дека годинава само од Скопскиот аеродром услугите ќе ги користат над два милиони патници.

 

Сузана Фиданска- Стоевска