Светска банка

Македонската економија годинава со раст од 3,2%

10.01.2018 12:21

Банкарите од Вашингтон проценија- лани сме завршиле со раст на бруто-домашниот производ од 1,5 насто, годинава со 3,2. Повисок раст од Македонија ќе имаат Косово, Бугарија и Албанија, а понизок- Србија, Црна Гора и Хрватска. Неопходни се странски инвестиции...

Светска банка го објави јануарскиот извештај за глобалните економски перспективи. Проекциите за нашата земја се надолно ревидирани во однос на претходните од јуни. Банкарите од Вашингтон проценуваат дека 2017-та сме ја завршиле со позитива од 1,5 проценти, а проекцијата за годинава е раст на БДП од 3,2 насто. Сепак, се очекува динамизирање на стопанските активности, па така, проекцијата за растот е 3,9 проценти в година и 4 насто во 2020.

„Во Македонија по надминувањето на политичката криза, која имаше влијание врз економијата, главни проблеми остануваат невработеноста, фискалната консолидација и можноста за зголемување на фискалниот дефицит поради најавените трошоци за инфраструктурни проекти“ – велат од Светска банка.

Од регионот, повисок раст годинава од нас ќе испорачаат Косово, Бугарија и Албанија. БиХ со нашата држава ќе има исти остварувања, а послаб раст ќе забележат Србија, Црна Гора и Хрватска.

Светска банка објаснува дека светската економија заздравила како резултат на зголемувањето на инвестициите, производствените активности и трговијата. Растот за годинава се проектира на 3,1 процент. Сепак, постои загриженост за во иднина, бидејќи има ризици што можат да доведат до забавување на активностите на подолг рок. Главните предизвици: намалената продуктивност и стареењето на работната сила. Ова ги загрозува подобрувањето на животниот стандард и намалувањето на сиромаштијата во светот.

„Глобалната економија ќе ја има својата најдобра година од светската финансиска криза. Очекуваме раст од 3,1 процент и така ќе се движи и во наредните две до три години. Сепак, големо прашање е колку долго ќе трае оваа експанзија и како ќе заврши. Со оглед на долгорочните предизвици, структурните предизивици поврзани со демографијата и намалената продуктивност, сметаме дека е важно во овој момент да се преземат политики за иднината, со цел да се подобри потенцијалот за раст“, изјави Ајхан Косе, директор за развој на Светска банка.

За Еврозоната, пак, проекцијата за 2018-та е 2,1 насто раст на бруто-домашниот производ. Објаснувањето е дека приватниот сектор позитивно реагира на стимулативните мерки од Европската централна банка, невработеноста се намалува, а некои земји веќе се соочуваат со недостиг од работна сила. САД годинава треба да ја завршат со позитива од 2,2 процента.

 

Мартин Пушевски