Брисел

Европските сили ја потврдија поддршката за Техеран

11.01.2018 13:13

Земјите на ЕУ ќе ја потврдат поддршката на Техеран за Иранскиот нуклеарен договор што го отфрли американскиот претседател Трамп. Порака на состанокот од Брисел е подобро да се има договор отколку да се изолира земјата од светот.

Европските сили на состанокот во Брисел ја потврдија поддршката за Иранскиот нуклеарен договор што беше отфрлен од американскиот претседател Доналд Трамп. Средбата, чијшто домаќин беше високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, се одржа пред Белата куќа да донесе одлука за воведување нови санкции кон Техеран, кои беа замрзнати по усвојувањето на договорот.

„Фокусот на денешната средба беше врз тоа се осигура целосна и континуирана имплементација на заедничкиот план за акција, односно Нуклеарниот договор со Иран од сите страни. Европската унија јасно ја изрази својата позиција за Нуклеарниот договор кој во октомври беше поддржан од сите 28 земји членки, и повторно беше потврден денеска. Договорот функционира и ја остварува својата цел, односно ја контролира Иранската нуклеарна програма и одблизу ја надгледува“, изјави Могерини.

„Апсолутно е неопходно да знаеме дека е можно со дипломатски пристап да се спречи развојот на нуклеарно оружје во време кога во другите делови од светот се разговара за тоа како да се дојде до нуклеарно оружје“, смета германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел.

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел ги повика САД да го третираат Нуклеарниот договор со Иран од 2015 година како одвоено прашање од проблемот со иранската програма за развој на балистичко оружје и улогата на Техеран во граѓанската војна во Сирија. Габриел, кој важи за критичар на Трамп, сепак, призна дека Вашингтон е во право кога изразува загриженост за стратегијата на Иран на Блискиот исток. 

„Ќе го повторам она што го рекоа моите колеги. Мислам дека е многу важно што како европејци се собравме за да направиме заедничка проценка на нуклеарниот договор. Сметаме дека е направен значаен дипломатски напредок. Тоа е начин да се спречи Иран да се здобие со нуклеарно оружје“, вели британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон.

Цел на состанокот е да се испрати порака до Вашингтон дека Иран соработува и дека е подобро да се има нуклеарен договор отколку да се изолира Техеран.

Марина Ристова