„Виз ер“: Лани превезени 1,2 милиони патници

11.01.2018 13:51

Со најавената редовна линија Охрид- Виена, „Виз ер“ ќе нуди 30 нискобуџетни дестинации во 14 држави од двата аеродрома во Македонија, во Скопје и Охрид.

„Виз ер“ лани превезол 1,2 милиони патници преку македонските аеродроми и очекува да биде продолжен договорот со државата за субвенционирање на авиолетовите, што истекува во јуни годинава. Со најавената редовна линија Охрид- Виена, „Виз ер“ ќе нуди 30 нискобуџетни дестинации во 14 држави од двата аеродрома во Македонија, во Скопје и Охрид.

„Виз ер“ ќе одлучи дали ќе учествува на претстојниот повик од македонската Влада за финансиска поддршка за воведување авиолинии, откако ќе бидат објавени новите услови. Договорот на „Виз ер“ со македонската Влада истекува во јуни, а како што изјави денеска Јозеф Варади, главен извршен директор на „Виз ер“ очекуваат соработката да продолжи.

Генерален директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој, истакна дека како авиокомпанија со најголем удел во патничкиот авиосообраќај очекуваат „Виз ер“ да продолжи со развојот на нивниот бизнис на македонскиот пазар, со инвестирање во нови дестинации и зголемување на фреквенциите на постојните авиолинии.

„Виз ер“ има 63 проценти од уделот во авиосообраќајот во Македонија.