Трамп најави можно повторно приклучување на САД кон Парискиот климатски договор

11.01.2018 14:44

Американскиот претседател Трамп најави можно повторно приклучување на САД кон климатскиот договор. Досега 200 земји го потпишаа Парискиот договор за клима. Велика Британија планира да го елиминира пластичниот отпад до 2042-ра година.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон може повторно да се врати кон Климатскиот договор од Париз, под услов да се подобри односот кон САД. Критики упати до својот претходник Барак Обама, кој, како што вели, склучил „лоша и неправедна спогодба“ во однос на финансиските трошоци. Кога објави официјално дека Соединетите Американски Држави излегуваат од проектот, Трамп образложи дека спроведувањето на договорот затвора илјадници работни места во индустријата и го намалува производството во многу сектори.

„Договорот ни одзеде многу вредни ресурси. Нашата земја е богата со гас, јаглен, нафта и со многу други работи, така што плативме скапо додека ги користевме“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

Парискиот договор го имаат потпишано речиси 200 држави и целта е драстично да се забави затоплувањето на атмосферата, на морињата и на копното. Потписниците се обврзани да го ограничат глобалното затоплување на максимум два Целзиусови степена во споредба со периодот пред Индустриската револуција. Обединетото Кралство е 111. држава која го ратификуваше Парискиот договор.

За подобрување на еколошката состојба на локално и на глобално ниво, премиерката Тереза Меј изготви план и за елиминарање на пластичниот отпад до 2042 година. На полиците во супермаркетите нема да има пластика, а ќе се воведе ново финансирање за иновации во пластичните материјали. Лидерите на опозицијата и активистите за заштита на животната средина ги осудија предлозите поради недоволни детали и предолга временска рамка за олку итно прашање.

И Европската унија размислува да воведе данок за пластичните пакувања за да се намали отпадот, но и да се пополни празнината во буџетот предизвикана од Брегзит. Европската комисија ќе анализира дали давачката ќе се однесува на производството, користењето или ослободувањето на материјалот. Договорот за буџет се очекува до мај идната година. Британија си заминува од блокот на 29 март 2019 година.

Годишниот буџет на ЕУ е околу 155 милијарди евра и го полнат 28 земји-членки. Велика Британија е една од десетте држави кои внесуваат повеќе пари во буџетот отколку што вадат. Само Франција и Германија придонесуваат повеќе.

 

Маја Филдишев