Преговори

Германија: Постојат уште пречки за формирање Влада

11.01.2018 15:18

Најголемите германски партии постигнале договор за еколошки теми и делумно за политиката кон бегалците, но и покрај оптимизмот со кој влегоа на денешните преговори за новата коалициска влада, сепак оценуваат дека постојат уште многу пречки за договор.

Германските партии влегоа во завршната фаза преговори за состав на нова коалициска влада. Покрај Ангела Меркел која бара нов мандат, на преговорите во Берлин учествуваат и лидерите на Социјалдемократската партија Мартин Шулц и на Баварската сестра партија на Христијанско-демократската унија, Кристијан Шодер. Досегашната канцеларка изрази оптимизам дека ќе успее да состави нов владин кабинет.

„Влегуваме во последната рунда разговори. Постигнавме многу при подготовките, но сѐ уште има пречки на патот што треба да се отстранат. Во името на христијанските демократи ќе влеземе на преговарачка маса со конструктивност за да се најде неопходен компромис, но истовремено да ја осигуриме вистинската политика за нашата држава“, изјави Меркел.

Социјалдемократите сѐ уште не се согласуваат со политиката за бегалците на Меркел, но прифатиле можност за прием на високообразовани имигранти.

„И покрај прогресот направен во последните 4 дена кога ги идентификувавме заедничките интереси врз основа на кои може да продолжиме со преговорите, сепак сѐ уште постојат големи пречки што треба да се отстранат“, изјави Мартин Шулц, лидер на Социјалдемократската партија.

Партиите постигнале договор за намалување на издувните гасови и аерозагадувањето со употреба на електрични возила и за формирање на заеднички германско- француски центар за вештачка интелегенција. Се очекува новата германска влада да биде изгласана на 21-ви јануари.

 

Ирина Гелевска