Модернизирани патарини долж Коридор 10 до крајот на годинава

11.01.2018 15:55

До крајот на годината ќе бидат модернизирани сите патарини долж Коридорот 10, инвестиција од 18,7 милиони евра. Најголем дел од парите ги обезбеди Европската банка за обнова и развој. Целта е да се воведе и електронска наплата, со што ќе се забрза протокот на возила. Во моментов се работи на пет патарини и се проширува пристапот до нив...

Се модернизираат наплатните станици долж Коридорот 10. Електронскиот систем за наплата треба да се воведе до крајот на годинава. Надлежните сметаат дека клучната сообраќајна артерија на Македонија веќе нема да биде тесно грло во летниот период. Инвестицијата чини над 18 милиони евра. Најголем дел од парите се обезбедени преку Европската банка за обнова и развој. Дел од наплатните станици се во завршна фаза.

„Наплатната станица на Рамановце кај Куманово е во завршна фаза. Во тек се  и градежните работи на наплатната станица кај Сопот, на наплатната станица  од другата страна на Велес, како и на наплатните станици кај Градско и Петровец. Основната цел е на патарините ќе се направи проширување со по неколку ленти“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Покрај плаќањето во готово, ќе има и припрејд картички, а електронскиот начин ќе биде поевтин од оној во готово, објаснува првиот човек на Јавното претпријатие за државни патишта.  Се планира модернизација и на патарините по Коридорот 8 и воведување на електронскиот систем на наплата.

„Се работи и на софтверскиот дел за Коридор 8. Веќе е заршен тендерот и во фаза на изведба се нови 30 кабини на Коридор 8, а ќе се заменат постоечките и оштетените настрешници. Сето тоа да се реновира во модерен стил, да бидат унифицирани и да се воведе електронска наплата и на овој Коридор 8“, изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Директорот Китанов вели дека во почетокот нема да има отпуштање од работа сѐ додека, како што рече, практиката не покаже колку граѓаните ќе ги користат картичките и ќе го прифатат електронскиот систем.

Вели дека оваа година е најуспешна за патарините. Споредбено со лани, финансиската заработка е поголема за милион и 234 илјади евра.

Викторија Милевска