Финансии

Издадена шестата еврообврзница од 500 милиони евра

12.01.2018 10:39

Македонија издаде еврообврзница. Вредноста ѝ е 500 милиони евра. Од Министерството за финансии велат, постигната е историски најниска каматна стапка...

Македонија на меѓународниот пазар на капитал ја издаде шестата еврообврзница од 500 милиони евра. Рокот на достасување ѝ е седум години, каматната стапка 2,75 проценти.

Ова е историски убедливо најниска каматна стапка постигната за било која од македонските еврообврзници, како одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал“- соопшти Министерството за финансии.

Од ресорот информираа дека побарувачката од инвеститорите за обврзницата била над 3,5 милијарди евра, седум пати повисока од понудата. Високата побарувачка овозможи да се постигне каматна стапка од 2,75%  на годишно ниво, односно стапка на принос од 3%.

Предвидено е парите да се користат за покривање на буџетскиот дефицит, односно за непречено извршување на сите буџетски расходи, како и за отплата на претходните долгови. Паралелно, Македонија изврши и предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра, издадена во 2015-та година која достасува во декември 2020-та со каматна стапка од 4,875%.

Македонија претходно издаде пет еврообврзници во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, а половина милијарда беа камати.

 

Мартин Пушевски