Германија

Постигнат договор за почеток на коалициските преговори

12.01.2018 12:58

Конзервативците и Социјалдемократите во Германија ги надминаа разликите и постигнаа договор да почнат формални коалициски разговори. Голема коалиција управуваше со Германија и во периодот од 2013- та до 2017-та година...

Демохристијаните на Ангела Меркел и социјалдемократите на Мартин Шулц постигнаа договор за формален почеток на преговорите за формирање влада. Со тоа, се зголемија шансите за составување на новиот кабинет на Меркел и за излез од политичката блокада. Според првичните информации, двете партии се согласиле да се задржи даночната стапка од 42 процента, наместо предложените 45, а постигнале договор и околу бројот на мигрантите на кои ќе им биде дозволен влез во земјата.

„Сите 13 преговарачи од социјалдемократите се согласија на прелиминарен договор. Постигнати се одлични резултати“, изјави Мартин Шулц, лидер на СПД.

По лошите изборни резултати во септември, Меркел повторно се сврте кон СПД со намера да ја обнови големата коалиција, по неуспешните преговори со партијата на Зелените и со Слободните демократи. Канцеларката повеќе 12 години е на чело на Германија, но политичката криза во земјата го ослабна нејзиниот меѓународен авторитет и германското влијание надвор.

Меркел во непосредно пред преговорите изјави дека нејзиниот конзервативен блок и Социјалдемократската партија мора да совладаат големи препреки за да се договорат. Шулц, пак, изјави дека неговата партија ќе се согласи да формира коалиција само доколку се сигурни дека таквата влада ќе ја зајакне Европа. Сепак, истакна дека двете партии пронашле заеднички јазик во многу области.

 

Марина Ристова