Десет години од хеликоптерската несреќа кај Блаце во која загинаа 11 припадници на АРМ

12.01.2018 14:48

Изминаа десет години од хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце, во која загинаа 11 припадници на воздухопловната бригада на АРМ. Со полагање свежо цвеќе на спомен - обележјето на местото на несреќата, Министерството за одбрана и АРМ им оддадоа почит на трагично загинатите припадници на воздухопловните сили. Членовите на нивните семејства изјавија дека добиле ветување од министерката Шеќеринска дека целокупната документација за несреќата ќе биде доставена до новиот јавен обвинител...

Во катлановско Блаце, на местото каде што пред десет години се случи хеликоптерската несреќа, во која загинаа 11 македонски мировници, цвеќиња положија нивните најблиски, делегации од Министерството за одбрана, од генералштабот, од Кабинетот на претседателот. Почит и минутно молчење и од нивните колеги пред споменикот во касарната „Страшо Пинџур“ на воениот аеродром. Семејствата на загинатите не прифаќаат дека главната причина за падот на хеликоптерот МИ-17 е необученоста на пилотите за летање во сложени метеоролошки услови.

По добиените критики за истрагите и незадоволството од нив, министерката за одбрана Шеќеринска на семејствата им вети дека материјалите и извештаите со кои располага министерството, ќе му ги достави на новиот Јавен обвинител, за како што рече, да утврди дали евентуално постои основа за какви било постапки.

По несреќата во 2008-та година, тогашниот обвинител Љупчо Шврговски побара независна истрага. Беше ангажиран и британскиот независен експерт Едвард Пули.

Во конечниот извештај покрај многубројните пропусти на Армијата и на контролата на летање, како главна причина беше наведена необученоста на пилотите за летање во лоши временски услови.

Обвинителството за никого не покрена кривична одговорност.

 

Наташа Гркова- Петрушевска