ВМРО-ДПМНЕ: Законот за јазици го деградира македонскиот јазик

12.01.2018 15:10

Според партијата, Законот го крши Уставот на државата, го надминува и рамковниот договор во делот на образованието и употребата на јазиците.

Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ донесе неуставен закон за двојазичност, со кој се деградира употребата на македонскиот јазик, и истиот се сведува на ниво на еден од јазиците кои се говорат во Република Македонија, велат од ВМРО- ДПМНЕ.

„Двојазичност на униформите на полицијата, здравствените работници и пожарникарите ја надминува уставната рамка. Според Уставот двојазичноста може да важи за локални институции, а не во државните институции, како што тоа се прави со овој закон.Законот за двојазичност го надминува и Рамковниот договор во точка 6 од истиот, во делот на образование и употреба на јазиците. Имено во едно мултиетничко општество загрозувачки за сите останати заедници е да се донесе закон со кој се промовира една етничка и јазична заедница. Со израмнување на албанскиот јазик со македонскиот јазик се промовира јазичен билингвализам, што може да предизвика последици врз Уставот“, истакна Дарко Костовски на денешната прес-конференција на ВМРО- ДПМНЕ.

Според партијата, Законот го крши Уставот на државата, го надминува и рамковниот договор во делот на образованието и употребата на јазиците. Ваквиот закон, според опозициската партија, доведува до опасност, поради деградирањето на македонскиот јазик да се наруши хармонијата и кохезијата на македонското мултикултурно општество.