Западен Балкан- приоритет

12.01.2018 15:28

Луѓето од Западен Балкан заслужуваат стабилност и просперитет, порача од Софија претседателот на Европскиот совет, Туск на свеченоста по повод бугарското претседателство со ЕУ...

Иднината на Западниот Балкан, дел од приоритетите на бугарското претседателство со Советот на ЕУ. „Историјата на Балканот е подраматична и поинтересна од сценариото на Игра на троновите“- рече претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

„Би сакале сегашноста и иднината на Балканот да се разликуваат од драматичните филмови. Луѓето од овој регион заслужуваат стабилност и просперитет“, рече Туск.

Бугарија се обидува да се профилира како компетентен посредник и планира вонреден самит на 17-ти мај. Претседателот на неформалната Влада на ЕУ, Жан Клод Јункер, кој беше дециден дека нема да има нови членки до завршувањето на неговиот мандат, сепак денеска отстапи од тоа.

„Исклучително е важно државите од Западен Балкан да ги одржат напредокот и желбата за евроинтеграција, во спротивно постои потенцијална опасност во овој сензибилен дел на Европа да видиме сцени од 90-тите години на минатиот век“, нагласи Јункер.

Другите предизвици со кои ќе се соочува Бугарија се миграциската криза, Брегзит, финансиската рамка на европскиот буџет за 2020-та година, како и интернет - безбедноста. Еропската унија очекува Бугарија да помогне во нормализирањето на односите со Турција.

„Грижата е многу голема. Имаме само шест месеци за да се завршат некои работи, а некои да се почнат. Кохезиската политика, со една милијарда помалку во европскиот буџет, предизвикува големи проблеми во регионот, во Крим сѐ уште треба да се смирува состојбата. Треба да се вложи многу напор“, изјави бугарскиот премиер, Бојко Борисов.

Инаку, Бугарија е најсиромашната земја членка на Унијата и сѐ уште не е дел од еврозоната. Во моментов се наоѓа под мониторинг на Европската комисија за човекови права.

 

Марина Стојанова- Тонева