Политика

Реакции по изгласувањето на Законот за јазици

12.01.2018 15:51

СДСМ нема што да додаде, ВМРО-ДПМНЕ со критика ден по донесувањето на Законот за употреба на јазиците. Опозицијата тврди- актот е неуставен. Власта останува на ставот дека сѐ е регуларно...

Ден откако Законот за упортеба на јазиците се изгласа во Собранието, на улиците веќе осамнаа нови тројазични табли- на македонски, англиски и албански. ВМРО-ДПМНЕ констатира дека се донесе неуставен закон за двојазичност со кој се деградира употребата на македонскиот јазик и тој се сведува на ниво на еден од јазиците кои се говорат во Република Македонија.

Во партијата велат дека се врши фаворизирање само на албанската етничка заедница, а сите други се маргинализираат. Ваквиот закон доведува до опасност да се наруши хармонијата и кохезијата на македонското мултикултурно општество, поради деградирањето на единствениот интегративен елемент- македонскиот јазик, велат во ВМРО-ДПМНЕ.

„Двојазичност на униформите на полицијата, здравствените работници и пожарникарите ја надминува уставната рамка. Според Уставот двојазичноста може да важи за локални институции, а не во државните институции, како што тоа се прави со овој закон. Со израмнување на албанскиот јазик со македонскиот јазик се промовира јазичен билингвализам, што може да предизвика последици врз Уставот“, истакна Дарко Костовски на денешната прес-конференција на ВМРО- ДПМНЕ.

Социјалдемократите остануваат на ставот дека Законот за употреба на јазиците е уставен. За двојазичноста на униформите и банкнотите се чека мислењето од Венецијанската комисија. Координаторот Тунтев смета дека за законот сѐ е кажано.

„За тоа кажавме сѐ што имавме да кажеме“, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

Студентскиот парламент на УКИМ побара повлекување на Законот. Според нив, Законот е противуставен, ја нарушува унитарноста на Македонија и ја суспендира употребата на македонски јазик. Го повикаа претседателот Иванов да го употреби правото на вето.

 

Миле Ристески