Земјоделство

Зелената нафта влезе во владина процедура

15.01.2018 09:42

Измените на Законот за земјоделство со што се овозможува субвенционирање на зелената нафта, влезе во владина процедура. Со предлогот, на земјоделците ќе им се овозможи за 50 проценти поевтина нафта. Агенцијата за финансиска поддршка ќе им доставува платежна картичка со одреден износ во зависност од големината на земјоделските стопанства.

Министерството за земјоделство до владата го достави предлогот за финансиска поддршка за покривање на половина од трошоците на земјоделците за потрошената нафта односно во висина од 50 проценти.

Земјоделските стопанства кои се евидентирани во регистарот на министерството според предлогот на Законот за земјоделство од државата ќе добиваат платежна картичка за набавка на горивото или субвенција за таканаречаната зелена нафта.

Износот ќе се утврдува според потрошените средства по земјоделски производ или групи на производи искористени за обработка на земјоделската површина во текот на една производствена година.

За оваа мерка која се подготвува да почне важи од оваа година се предвидува да се трошат скоро 5 милиони евра годишно.

 

Методија Трајков