Стопанска комора: Институциите бавно постапуваат по барањата на бизнисмените

15.01.2018 14:53

Институциите бавно постапуваат по барањата на бизнисмените, кои ги предлагаат за подобрување на бизнис климата. Иако изминаа неколку месеци откако ги имаат поднесено иницијативите, од надлежните одговор нема. Стопанската комора бара брза реакција.

Институциите бавно постапуваат по доставените барања од бизнис- заедницата, предупредува Стопанската комора на Македонија. Оттаму велат дека треба да се слушне нивниот глас за подобрување на деловната клима во земјава. Оценуваат дека Планот за економски раст генерално ги содржи мерките што се предложени од компаниите, но е неопходно што поскоро истите да бидат преточени во конкретни законски решенија.

„Има реални потреби за подобрување на комуникацијата, не само на највисоко ниво, туку на оперативно ниво со министерствата и со другите органи на управата, што ќе биде во насока на поттикнување на ефикасноста и ажурноста на јавните и на државните службеници и намалување на административните бариери, бидејќи без брзи и ефикасни административни постапки, без намалување на бирократизацијата и без професионална администрација, не може да одиме напред и да очекуваме брза реализација на нашите иницијативи кои се во интерес на унапредување на деловната клима во државата“, вели Елена Милевска Штрбевска, директор на Стопанската комора на Македонија.

За шест месеци, од јуни до декември минатата година, Стопанската комора поднела 19 иницијативи до Владата. Во тек е реализацијата, но само една комплетно е завршена. Ниту една не е одбиена. Бизнисмените бараат законски измени кои би го олесниле работењето на компаниите. Клучните предлози се однесуваат на даночниот режим, измени на законот за ДДВ во однос на трансферот на пари, законите за нотаријат и за извршители, како и оние за трговија, градежништво и за индустриски емисии.

 

Андријана Атанасовска