Гасификација

Нови 80 километри гасовод годинава

16.01.2018 13:55

До крајот на јануари 2020-та година треба да заврши изградбата на магистралната гасоводна мрежа, најави министерот за транспорт и врски, Сугарески. И натаму главен проблем експропријацијата на земјиштето. Во буџетот предвидени 40 милиони евра за изградба на магистралните гасоводи.

Менаџментот на државната компанија „Македонски енергетски ресурси“ најави изградба на дури 80 километри магистрални гасоводи во 2018-та. Велат дека имаат доволно средства, вкупно пет милиони евра за надминување на проблемите поврзани со имотно- правните односи, односно експропријацијата на парцелите преку кои што треба да минуваат трасите на трите магистрални гасоводи: Штип- Неготино, Неготино-Битола и Скопје- Гостивар, со крак за Тетово. Има доволно пари и за исплата на ангажираните домашни компании, предводени од „Рапид билд“ и од „Гранит“, кои што ги градат гасоводите.

„Можеби е најбитно што во буџетот на Република Македонија се обезбедени близу 40 милиони евра за гасоводната мрежа. И очекувам со силно и посветено темпо овие рокови кои што ги имаме, согласно договорите ќе бидат испочитувани до крај и за многу брз временски период, она што беше и како ветување на Владата, дека гасификацијата ќе стигне до сите општини во Република Македонија“, изјави министерот за трнаспорт и врски, Горан Сугарески.

„Од Клечовце до Неготино очекуваме дека оваа година трасата ќе биде 100% завршена, во наредните четири месеци. Во овој момент проценката за трасата од Неготино до Битола е околу 17%, а истиот процент е и за Скопје- Гостивар“, вели Благојче Котески, директор на Македонски енергетски ресурси.

До крајот на јануари 2020-та година треба да заврши изградбата на магистралната гасоводна мрежа, односно на последната трета делница од Неготино до Битола, додека трасата од Скопје до Гостивар ќе биде готова во декември 2019-та, најави министерот за транспорт Сугарески.

Општините се задолжени за локалните гасоводни дистрибутивни мрежи и на располагање имаат еден од трите модели. Да формираат јавно претпријатие, јавно-приватно партнерство или пак, да задолжат приватна компанија за таа цел.

 

Свето Николовски