КСС и СОНК протестираа за почитување на гласот на работниците, пристојна плата и живот

17.01.2018 14:35

Конфедерацијата на слободни синдикати денеска во 5 минути до 12 на протест пред Владата. Не ги премисли средбата со властите. Предупредувачкиот протест почна пред Порта Македонија, а поворката мина покрај Министерството за правда и заврши пред Владата. Слободните синдикати остануваат на барањата за повисока плата, усогласување со зголемувањето на минималецот, и воведувањето на К-15 во јавниот сектор.

„НЕ“ за кршење на законите и на колективните договори, „ДА“ за почитување на гласот на работниците, за пристојни плата, работа и живот. Со оваа парола, Конфедерацијата на слободни синдикати излезе на протест пред Владата. Побара повисоки примања, усогласување со минималецот, К-15 во јавниот сектор, почитување на колективните договори, работа без притисоци и мобинг.

„Вчера извршниот одбор на КСС беше повикан на разговори во Владата на РМ. Не известија дека сериозно пристапиле кон нашите барања, побараа време за консултации и пресметки. Се надеваме во искрените намери на Владата, остануваме будни и ќе продолжиме по нашиот пат со конструктивни и демократски мерки, како што доликува на нашиот синдикат“, изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС.

Јавниот сектор е социјална категорија, 20 проценти сме пониско од минималната плата- заклучи претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура Неделков. Вели дека вработените не заслужуваат ваков третман.

„Ние го поздравивме зголемувањето на минималната плата, укажавме благовремено дека веднаш треба да се пристапи и на усогласување на другите плати во јавниот сектор, согласно минималната плата. Тоа за жал, до ден денеска не е направено. Ние нема да отстапиме од барањето“, рече Јаким Неделков, претседател на СОНК.

„Во делот на образованието, мерките што ги преземаме се дури и пред барањата на синдикалците“- изјави министерката Дескоска. Очекува реформите да донесат бенифит и за учениците и за наставниците.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска