Вашингтон

Блокадата сѐ уште трае, Сенатот гласа на пладне

22.01.2018 11:04

Американскиот Сенат го одложи за денеска гласањето за привременото финансирање на сојузната влада. Сѐ уште нема договор меѓу Републиканците и Демократите. Американскиот претседател телефонски разговарал со лидерите на двете партии. Демократите бараат преговори за договорот за заштита на околу 700 илјади имигранти од депортирање кои пристигнале во САД како деца и останале илегално.

Американскиот Сенат за денеска на пладне, по локално време го одложи гласањето за евентуален договор кој би го прекинал делумното затворање на федералната администрација. Републиканците и Демократите доцна синоќа не успеаја да постигнат компромис.

Имавме неколку разговори кои ќе продолжат, сѐ уште останува да се постигне договор кој ќе биде прифатлив за двете страни“, изјави Чак Шумер, лидер на малцинството во Сенатот.

Во изминативе неколку дена имаше многу реторика за тоа чија блокада е ова и кој треба да се обвини. Имаше многу обвиненија, но се надевам дека ќе може да го надминеме тоа и дека ќе најдеме начин како потворно да ја отвориме Владата“, изјави Џеф Флејк, сенатор од Аризона.

Блокадата на финансирањето на американската Влада стапи на сила во петокот на полноќ, по неуспешниот обид на Републиканците и Демократите да постигнат договор за Буџетот. Претсетавничкиот дом на Конгресот изгласа закон со кој се продолжува финансирањето на буџетот до 16-ти февруари, но Сенатот не го потврди и покрај интензивните преговори и интервенцијата од претседателот Доналд Трамп.

Тој телефонски разговарал со лидерите во Конгресот и неколку членови на својот кабинет за влијанието на финансиската блокада на американската влада. Сара Хакаби, портпарол на Белата куќа изјави дека продолжуваат напорно да работат на деблокада на финансирањето на Владата, со цел Армијата и нивните семејства и американскиот народ да бидат згрижени.

Демократите го условуваат гласањето со договорот за заштита на депортацијата на 700 илјади млади имигранти кои се доведени во земјата како деца и останале нелегално. Трамп ја прекина програмата од времето на неговиот претходник Барак Обама кој овозможуваше заштита на младите имигранти. Ова е прва блокада на сојузната влада од октомври 2013-ти година, која траеше 16 дена. 

 

Марина Ристова