Реформи на регулативата за градење

22.01.2018 16:59

Во Скопје дебата за состојбите во градежништвото. Се предлага реформа на законодавството и носење стратегија за да се заштити јавниот интерес и за да се врати редот во планирањето и градбата на нови објекти...

Координирана реформа на регулативата за планирање и градење за да се спречи урбаниот хаос и да се заштити интересот на граѓаните. Потребна е нова платформа што ќе го обедини целиот процес, со став дека за една деценија Законот за градење се менувал 50 пати за партиски, поединечни и бизнис цели, без грижа за потребите на струката- оценува градежната индустрија, проектантите инженерите и невладиниот сектор.

„Тие беа водени од партиски, партикуларни или дури и поединечни бизнис мотиви, па закон кој треба да важи за сите е менуван за само еден проект или за само еден поединечен човечки интерес, таквите менувања го направија Законот не само криминализиран, туку и дисфункционален“, вели Мирослав Грчев, универзитетски професор и архитект.

Сегашните закони за просторно и урбанистичко планирање, за градење, градежно земјиште и културно наследство мора да се реформираат координирано, а не со меѓусебна противречност. Анализите покажале дека целиот процес може да се обедини и во еден закон што ќе го заштити и јавниот интерес, зачувување на зеленилото, слободниот простор, кејовите- дебатираа познавачите. Честите измени без консултација на засегнатите страни резултирале со краткорочни решенија и ја отежнувале работата на компаниите.

„Со воспоставување стратегија за градежништвото која ќе ги земе предвид на долгорочен план сите прашања во однос на работната сила, потребите на пазарот на трудот и како сакаме да се развива градежништвото на долг рок ќе се овозможи одржлив пристап и сите препораки ќе бидат поднесени како иницијатива до Министерството за транспорт“, посочува Александар Петровски, Здружение за одржлив развој- Генера.

Реформи на законите за планирање и изградба за да се спречи хаотичноста во урбаната област, строга казнена политика што ќе го регулира и процентот на зеленило при градба, решенија за подобра бизнис клима во градежништвото најави и Министерството за транспорт и врски.

Сузана Фиданска- Стоевска