Почна Светскиот економски форум во Давос

23.01.2018 13:06

Богатите и моќните се собираат во Давос, на 48-миот Светски економски форум. Иако добиваат на значење политичките теми, економијата нема да биде заобиколена. Мотото на годинашниот форум е „Создавање заедничка иднина во скршен свет“. Меѓународниот монетарен фонд ги подобри прогнозите за економскиот раст на глобално ниво за оваа и за следната година...

Ден по предупредувањето од лавина во швајцарскиот зимски центар Давос денеска почнува Светскиот економски форум, кој традиционално ја собира на едно место светската елита: 60-тина шефови на држави или влади меѓу кои и американскиот претседател Трамп, стотици највлијателни инвеститори, десетина милијардери, моќни банкари, нобеловци, угледни професори. Во очи на почетокот папата Франциск и меѓународната агенција Оксфам предупредија на драматично продлабочување на јазот во распределбата на богатството и повикаа на поголема грижа за сиромашните.

Основачот на Светскиот економски форум Клаус Шваб изјави дека присуството на Трамп годинава, по пауза од 17 години од времето на Клинтон, е позитивно изненадување, а неговиот поглед, заедно со другите светски лидери, ќе овозможи избалансирана глобална слика за оваа година. Најавени се индискиот премиер, германската канцеларка, британската премиерка, а по подолга пауза во Давос ќе биде присутен и македонски премиер.

„Мислам дека треба да бидеме изненадени, а Давос секогаш е место каде што бараме изненадувања и се надевам дека тоа ќе биде позитивно изненадување“, изјави Клаус Шваб- основач на Светскиот економски форум во Давос.

Мотото на годинашниот форум е „Создавање заедничка иднина во скршен свет“, а како што најавува Клаус Шваб нема да бидат одминати ниту екологијата вклучително и климатските промени, затоа што природата се уште игра многу важна улога во глобалниот свет. Аналитичарите на Светскиот економски форум веќе го објавија рангирањето според Индексот за инклузивен развој кој опфаќа 103 земји. Тој покажува дека за економиите им даваат приоритет на политиките кои што поддржуваат краткорочен раст во однос на инклузивноста и одржливоста, и покрај загриженоста за социјалната нееднаквост. Рангирањето покажува кои од 103-те земји имаат најдобри комбинирани перформанси што овозможуваат раст, еднаквост и одржливост.

Меѓу растечките економии Македонија е рангирана на 25 позиција. Од регионот Хрватска е седма, Бугарија единаесетта, Турција е на 16-то место, додека Албанија е 28-ма, а Србија 43-та.

Во изминатите пет години, и покрај растот на светската економија, социјалната вклученост падна или е непроменета во 20 од 29 најнапредни економии, а меѓугенерацискиот капитал се влошил во 56 од 74 економии во развој.

 

Свето Николовски