Турција: Можно проширување на офанзивата во Сирија

24.01.2018 12:45

Турција најави можност за проширување на воената операција во Сирија. Русија бара почитување на сирискиот територијален интегритет, САД ги отфрлаат руските обвинувања дека нејзините испораки на модерно оружје ја поттикнало турската акција против курдските групи во северна Сирија...

Турската армија тврди дека во воената офанзива во сирискиот регион Африн се убиени најмалку 260 борци на курдската милиција ИПГ и на ИД, а турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу најави можно проширување на офанзивата. Во визир се наоѓаат градовите Манбиџ и областите источно од реката Еуфрат. Според турскиот министер за надворешни работи, Чавошоглу, курдските борци оттаму вршат напади врз Турција. Истакна дека нивна задача е отстранување на секоја опасност за Турција.

Операцијата на турската војска наидува на критики во меѓународната јавност. Вашингтон и Москва повикуваат на воздржаност. САД, Велика Британија и Франција во заедничко соопштение остро ја критикуваа турската инвазија во Африн.

Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со својот турски колега, инсистирајќи на почитување на сирискиот територијален интегритет и суверенитет. Русија соопшти дека направила нацрт резолуција за Советот за безбедност на ОН во која предлага воспоставување ново тело за истрага на случајот на хемиски напади во Сирија врз основа на непобитни детали. Претставник на Русија во ОН изјави дека на тој начин Советот за безбедност ќе може да ги идентификува одговорните за употреба на отровните агенси како оружје.

Портпаролката на американскиот Стејт Департмент, Хедер Науер, коментирајќи ја изјавата на официјална Москва во која, наводно, е речено дека „неконтролираната испорака на модерно оружје од страна на САД ја втурна Турција во операција“, истакна дека таквите изјави претставуваат пропаганда. Напомена дека американскиот државен секретар Тилерсон и турскиот шеф на дипломатијата Чавушоглу имале „многу сериозен и отворен“ разговор за операцијата во Сирија.

Воената операција „Маслиново гранче“ е насочена против курдската милиција, под чија контрола се наоѓа регионот Африн. Анкара ја смета за сириски огранок на ПКК и со тоа за терористичка организација.

 

Марина Ристова