О2 предизвик

Многу проекти за мониторинг, малку решенија за сузбивање на изворите на загадување

24.01.2018 16:37

На адреса на Фондот за иновации и технолошки развој пристигнаа решенија за мониторинг и за намалување на аерозагадувањето. Најдобрите проекти ќе добијат финансиска поддршка. Вкупно се предвидени 6 милиони денари. Надлежните во претставените решенија гледаат потенцијал. Очекуваат да придонесат да дишеме почист воздух...

Систем за согорување кај домашните стандардни печки и камини што ќе го намали испуштањето штетни материи, течност од веќе постоечки полимери за прскање градежни површини и патишта со способност да ги апсорбира загадувачките честички, соларен воздушен коректор со ротирачки ќелии што со сончева енергија ќе загрева просотории. На јавниот повик „О2 предизвик“, најголем број проекти иноваторите понудија за мониторинг и контрола на загадувањето. Мал бил бројот на идеи со висок потенцијал како да се контролира изворот и да се намали загадувањето- велат надлежните институции.

„Дел од нив се насочени кон мониторинг или кон обиди за намалување на загадување, помалку кон решенија кои ќе го намалат емитувањето на честичките, а ние понатаму би сакале да го охрабриме, имаме капацитет како држава, како бизнис сектор сами да се справиме до проблемот“, вели Јасмина Белчовска Тасевска од УНДП.

Понудените методологии имаат потенцијал и може да развиваат методи и решенија за намалување на загадувањето, Министерството за екологија, Фондот за иновации, УНДП апелираат до иновативните компании да соработуваат со институциите и во иднина. Пристигнатите 27 апликации тежеле 12 пати повеќе од проектираниот буџет.

„Буџетот на пристигнатите апликации за 12 пати го надминува износот на предвидените со повикот. Тоа е исклучително важно со оглед дека досега Фондот имаше проблем со недоволна искористеност на средствата, а сега има предизвик како да обезбеди дополнителни средства за интересот што е поттикнат со новиот пристап“, вели првиот човек на Фондот за иновации, Јован Деспотовски.

Ресорното министерство бара компании и решенија што ќе ги сузбијат изворите на загадување врз основа на анализите што ги имаат.

„Има потенцијал, некои работи треба да се доработат и да се расчистат, многу митови и шпекулации има во врска со загадувањето, но ова е вистинскиот пристап и начин како треба да продолжиме понатаму“, истакна Јани Макрадули, заменик- министер за животна средина.

Проектите што го минаа филтерот на комисијата и ќе поделат пари од колачот на Фондот, оперативните решенија ќе треба да ги реализираат во рок од една година.

Сузана Фиданска- Стоевска