Давос: Политичката и економска елита разменуваат идеи за иднината

24.01.2018 17:03

На Светскиот економски форум во Давос, политичката и економската елита разменуваат идеи за иднината на светот. Се одржуваат панели и повеќе од 400 средби. Форумот завршува на 26-ти јануари. И годинава, настанот проследен со протести против глобализацијата и капитализмот...

Според светските агенции на економскиот форум денешниот ден е во знакот на главните учесници- германската канцаларка Меркел и францускиот претседател Макрон. Многумина се прашуваат кој од нив двајцата ќе упати посилна порака до американскиот претседател Доналд Трамп, кој што со голема делегација е предвидено да допатува утре во Давос.

Германската канцаларка Меркел која што по изборите сѐ уште е окупирана околу составувањето на владината коалиција, и поради тоа германските медиуими велат дека е подискретна на меѓународната сцена, во денешниот говор се обиде да одговори на европските планови на францускиот претседател.

„Германија во моментов е концентрирана околу разговорите за формирање на новата Влада. Германија има желба да го даде својот придонес за подобра иднина, но работите секогаш не се едноставни, и ако нема взаемност, тогаш мора да бараме мултилатерални одговори за сѐ“, рече канцеларката Меркел.

Како што е најавено, фрацускиот претседател Емануел Макрон ќе се осврне на сегашната состојба на глобалните процеси.

Индискиот премиер Нарендра Моди и неговиот канадски колега Џастин Трудо застанаа во одбрана на слободната трговија.

„Запрен е натамошниот раст на синџирот на глобално снабдување. Решението за оваа загрижувачка состојба со глобализацијата не е изолацијата. Постојат три закани за цивилизацијата: глобалното затоплување, тероризмот, антиглобализацијата“, рече индискиот премиер Моди.

„Работиме напорно за да се осигураме дека нашиот јужен сосед ќе признае колку е добра спогодбата НАФТА, и дека беше корисна не само за нашата економија, туку и за нивната, и за светската. Отворени сме за нови трговски договори“, нагласи канадскиот премиер Трудо.

Според протоколот на форумот, утрешниот ден е резервиран за американскиот претседател Трамп и за британската премиерка Меј.

 

Мирјана Василева