Давос

Трамп: Ќе покажам што е Америка

26.01.2018 12:42

„Америка прва“- главна порака на американскиот претседател Трамп од форумот во Давос. Ваквата, според многумина учесници националистичка реторика, не оди во прилог на светската стабилизација. Трамп е подготвен за дијалог со Русија. Во поглед на економијата вели дека САД се привлечни за глобалниот бизнис...

Говорот на Доналд Трамп кој како прв американски претседател по 18 години учествува на Светскиот економски форум во Давос е најатрактивниот настан на собирот на глобалната елита. Американскиот претседател ја истакнува својата националистичка визија наречена „Америка прва“ во поглед на економијата, истовремено потенцирајќи дека неговата дерегулација и законодавство ги направило Соединетите Американски Држави привлечни за глобалниот бизнис.

„Пораката е мир и просперитет и мислам дека ќе биде многу добро примена. Тоа е многу позитивна порака. На Соединетите Американски Држави им оди фантастично добро, подобро во споредба со изминатите децении. Берзите се неверојатни, бизнисите се враќаат во САД. Мислам дека тоа ќе биде одлична порака што луѓето ќе сакаат да ја слушнат“, рече претседателот Трамп.

Пазарите бараат знаци дали Трамп промовира слободна трговија или укажува на подготвеност за воведување на повеќе тарифи за намалување на трговскиот дефицит на САД. Втората опција би можела да ги затресе глобалните пазари. Според Трамп, Америка останува отворена за трговија и инвестиции.

Политиката на Трамп индиректно веќе ја критикуваа лидерите во Давос. Индискиот премиер Моди предупреди дека „наместо глобализацијата растат силите на протекционизмот“, како и на опасноста од климатските промени- кои за Трамп очигледно не се приоритет.

Германската канцеларка Меркел истакна дека протекционизмот, „отровниот“ десничарски популизам и затворањето од светот не се одговорот. Францускиот премиер Макрон ја истакна важноста на „глобалната структура втемелена на мултилатерализам. Некои присутни на состанокот се заканија дека ќе го бојкотираат говорот на американскиот претседател поради неодамнешните вулгарни коментари за некои африкански земји.

Претходно палестинските лидери ги отфрлија заканите од американскиот претседател за прекин на помошта доколку не прифатат преговори со Израел. Возвратија дека политиката нема да влијае врз народот, а прашањето за Ерусалим и натаму ќе биде клучно за регионалниот мир.

 

Марина Ристова