Давос

Трамп: Aмерика прва не значи Aмерика сама

26.01.2018 16:53

Американскиот претседател во Давос ја истакна својата визија наречена „Америка прва“ во поглед на економијата, истовремено потенцирајќи дека неговата дерегулација и законодавство ги направило Соединетите Американски Држави привлечни за глобалниот бизнис.

Говорот на Доналд Трамп кој како прв американски претседател по 18 години учествува на Светскиот економски форум во Давос е најатрактивниот настан на собирот на глобалната елита. Американскиот претседател ја истакна својата визија наречена „Америка прва“ во поглед на економијата, истовремено потенцирајќи дека неговата дерегулација и законодавство ги направило Соединетите Американски Држави привлечни за глобалниот бизнис.

„Сега е времето да го донесете својот бизнис, време и инвестиции во САД. Како претседател на САД секогаш ќе ја ставам америка на прво место. Кога САД расте, расте и светот“- нагласи Трамп.

Трамп рече дека САД повеќе нема да ги толерира нефер договорите за трговска размена.

„Не можеме да имаме слободна и отворена трговија ако некои земји го експлоатираат системот на сметка на други“- изјави американскиот претседател.

Во однос на тероризмот рече дека коалицијата против Исламска држава презема чекори да ја дискредитира нивната пакосна идеологија.

„Коалицијата против ИД презеде речиси 100 проценти од територијата на тие убијци. Треба да се осигураме Авганистан повторно да не стане засолниште за терористите. Ќе сториме сѐ за да го заштитиме имиграцискиот систем и нашите граѓани“- рече претседателот Трамп.

Американскиот претседател побара максимален притисок за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, како и блокирање на Иран да се здобие со нуклеарно оружје.

 

Марина Ристова