Наскоро потпис на анекс договор, Синохидро ќе продлжи да работи на Кичево- Охрид

29.01.2018 16:35

Владата и кинеската компанија Синохидро деновиве ќе ги потпишат анексите на договорот за автопатот Кичево- Охрид. Се очекува рокот за изградба да биде продолжен за уште три години. Во овој период се очекува да биде завршена и делницата од Куманово до Крива Паланка. Ќе ја гради италијанската компанија Терена...

Преговорите со кинески Синохидро се во финална фаза. Анекс договорите за продолжување на рокот за градба на делницата Кичево- Охрид треба да бидат потпишани во следните неколку дена- тврди министерот за транспорт. Со едниот договор ќе се утврдува динамиката на градба, со другиот екстра финансиите за доизградба по направените пропусти.

„Континуирано имаме средби со кинеската компанија со цел да го договориме анекс договорот што се однесува на продолжување на рокот на изградба на автопатот Кичево- Охрид. Мислам дека сме во финална фаза и очекувам во наредните денови да направиме конечен договор, што преку предлог закон ќе оди на одобрување во Собранието“, вели министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Градежните работи на автопатската делница Кичево- Охрид беа сопрени средината на минатата година, според надлежните, поради лошо планирање и изведба. Од Градежниот факултет велат трасата е комплексна, имало изненадувања во тек на реализацијата.

„Цело време се зборува за пропусти, но треба да биде јасно дека автопатиштата осбено оваа делница Кичево- Охрид, е еден објект многу сложен што се изведува во тешки услови. Секаде во светот се случуваат работи кои не се предвидени и тоа се случува и кај нас“, вели Дарко Мославац, декан на Градежниот факултет.

Според првичните проценки на належните, делницата треба да биде завршена најрано до октомри следната година. Ќе чини половина милијарда евра. Но, познавачите велат, проектот нема да биде завршен до средината на 2020, проектираат најмалку три години реализација. Период за кој се очекува да биде завршен и делот од Коридорот 8 до границата со Бугарија.

„Јас мислам дека за три до четири години ќе биде завршен, за делот од Куманово до граничен премин со Бугарија, делот за Гостивар- Кичево тек ќе се проектира и процентетата вредност е над 300 милиони евра и треба да се обезбдат и финансиски средства“, вели Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта.

Годинава се планира да почне проектирањето на трасата од Букојчани до Гостивар. Владата склучила договор, делницата до Крива Паланка ќе ја гради италијанската компанија Терена. Со став дека Коридорот 8 е изграден и функционален, стручната јавност сугерира- потребно е повисоко ниво на услуга, експресни патишта и автопатишта.

„Мокта на една држава се отсликува преку економската моќ на државата. Каква е економската моќ, таква е и инфраструктурата во државата“, посочува Горан Миовски, претседател на Друштвото на патишта на Македонија.

За 50 години, низ државава се изградени 14 илјади километри патишта.

Сузана Фиданска Стоевска