Апостолска: Наскоро договори со нови инвеститори

31.01.2018 15:20

Бизнис- секторот загрижен. Политиката доминира на сметка на економијата. Владата ветува подобрување на деловната клима. Најавени нови странски инвестиции...

Владата тврди дека е во интензивни преговори и четири или пет компании од автомобилската, медицинската и прехранбената индустрија. Наскоро ќе почнат бизнис во Македонија. Министерката Апостолска вели за најмногу три месеци ќе бидат потпишани договорите.

„Од четири до пет инвеститори се во фаза на преговарања, кај некои многу брзо ќе се случат, кај некои за два три месци, едната е од автомобилската инустрија, има од медицинската индустрија...“, посочува министерката Зорица Апостолска.

Од Владата убедуваат дека преговорите се водат транспарентно и секој инвеститор, домашен и странски, однапред знае каква поддршка и под кои услови може да добие. Но бизнис- еснафот јавно ја искажа својата загриженост. Стопанствениците велат оти три години македонската економија се наоѓа на маргините, политиката доминира, државата ја нема на индексот на конкурентност на Светскиот економски форум. Недостаток на информации или стратегија- прашуваат од Стопанската комора на Македонија.

„Влегуваме во деветтиот месец од 3-6-9,  повторно можам да кажам дека македонската економија се наоѓа маргинализарано и без стратегија и без визија кој сектор ќе биде клучен. Ќе се прашате зошто Стопанската комора говори вака кога е составен дел на сите случувања, одговорот е да, но имаме трпение дека полтичката криза долго трае, а нашите членки се многу загрижени“, изјави Антони Пешев, потпретседател на СКМ.

Со став дека бизнис- климата се подобрува и интерес за инвестиции има, министерот Шапуриќ уверува дека проектираниот раст од 3,2 насто ќе се оствари.

„Веќе од март по доставување на завршната сметка сите компании што инвестирале ќе имаат право на одредени средства. Некои привични симулации покажуваат дека некои од странските инвеститотри ќе имаат поголеми субвенции од претходно, крајниот ефект на мерките ќе се види во 2019 година“- вели Зоран Шапуриќ, министер задолжен за регулативата на инвестициската клима во Македонија. 

Бизнисмените го очекуваат ефектот од владините мерки.

„Во наредниот период очекуваме резултати за да видиме дали има ефект од се ова што го промовира Владата во својата програма. Не сакаме бизнис заедницата да биде логистика на владите, туку партнер. Минатото покажа дека резултатите се никакви кога даваме поддршки без анализи“, вели Зоре Темелковски, Македонско- бугарска комора.

Бизнис заедницата вели- ставовите и проблемите со кои се соочуваат ќе ги обелоденат по првите анализи за бизнис климата.

Сузана Фиданска- Стоевска