Муижниекс: Крајно време е политичките лидери да осмислат стратегија за интеграција

02.02.2018 12:40

Поделеноста во земјава според етничките заедници е очигледна и почнува уште во основните училишта- завршна оценка на комесарот за човекови права на Советот на Европа, Муижниекс по посетата на Македонија. Морате да работите на интеграција, Законот за јазици придонесува кон поделбата, вели комесарот. Кон Ромите мора да се има неселективен однос...

Поради поделеноста според етнички и јазични основи, крајно време е политичките лидери да осмислат стратегија за интеграција, оцени комесарот за човекови права на Советот на Европа, Муижниекс. И по пет години од последниот извештај, поделбата почнува уште во училиштата.

Комесарот забележал дека и Законот за јазиците е основа за поделба. Коментирајќи ги 35-те илјади амандмани, тој смета дека станува збор за креативна стратегија. Дали Законот за јазиците ќе го зголеми јазот меѓу Македонците и Албанците и дали е дискриминаторски во однос на јазиците на помалите етнички заедници во земјава?

„Обично на малите групи им треба заштита, поттик и внимание за да го зачуваат својот индентитет, затоа што големите групи обично успеваат да се погрижат сами за себе. Слушнав многу различни оценки на овој нов Закон за јазиците. Со нетрпение очекувам да ги видам наодите на Венецијанската комисија, но таа ќе ја оценува уставноста на Законот, а не дали тој промовира социјална кохезија и дали ги подобрува меѓуетничките односи“, изјави Нилс Муижниекс, комесар за човекови права на Советот на Европа.

Комесарот за човекови права оцени дека треба да се почитуваат препораките на Народниот правобранител за приведените за случувањата во Собранието на 27-ми април и притворот да биде последна мерка.

„Запознаен сум дека се прават многу напори за реформа на правосудниот систем, и во сите земји дел од тие напори е користењето на притворот во истражниот затвор, само кога навистина е неопходно“, вели Муижниекс.

Муижниекс препорача создавање независен механизам за надзор на полицијата и на промените во Законот против дискриминацијата. Како позитивни ги оцени проектите за дружење на децата од различни етнички заедници, вклучувањето на децата со попреченост во редовното образование и неселективен однос кон Ромите на граничните премини.

 

Ирина Гелевска