УЈП

Поднесување годишна даночна пријава уште годинава

02.02.2018 14:43

Доколку лани, освен плата или пензија сте оствариле други приходи, обврзани сте до Управата за јавни приходи да поднесете годишна даночна пријава до 15-ти март. До 10-ти во месецот, пак, граѓаните имаат обврска да поднесат електронска пресметка за приходите остварени во претходниот месец...

Уште оваа година граѓаните, даночни обрзници, ќе мора да пополнуваат годишни даночни пријави и да ги достават до УЈП, лично или преку пошта во хартиена форма, односно по електронски пат.

„И оваа година граѓаните ќе треба да поднесуваат годишна даночна пријава во хартиена форма или преку е-даноци системот доколку се регистрани во системот. А она што беше најавено како издавање на пополнета годишна даночна пријава ќе важи од 2019“, изјави Весна Новаковиќ, портпарол на УЈП.

Измените во законот што стапија во сила од 1-ви јануари предвидуваат наместо аконтативно плаќање данок од приход, поднесување електронска пресметка до УЈП, за што услов е претходна регистрација во системот „Е- персонален данок“.

„Постапката на регистрација е едноставна и без трошоци. Единствен услов за регистрација е лицето да поседува и-меил адреса, а нема потреба да поседува дигитален сертификат. За регистрација во системот физичкото лице треба да се најави во системот преку интернет, да влезе во делот за регистрација и да ги пополни своите идентификациони податоци, како и да си додели корисничко име и лозинка за пристап на системот“, изајви Елена Петрова, проект координатор во УЈП.

Следен чекор е посета на УЈП со барањето за регистрација, за да биде одобрена електронската регистрација во системот од службено лице. Од УЈП потсетуваат дека и годинава очекуваат околу 440 илјади поднесени годишни даночни пријави, слично на лани. Досега пристигнале само 2.400.

„Физичките лица резиденти на Р. Македонија кои што остваруваат приходи само по основ на плата и пензија, од самостојно вршење на земјоделска дејност и од самостојно вршење на стопанска дејност, доколку не остваруваат други приходи во текот на 2017-та година немаат обврска да поднесат годишна даночна пријава“, изјави Мухедин Авдиќ, раководител во УЈП.

Од УЈП апелираат до граѓаните во текот на 2018-та да се регистрираат во системот за Е-персонален данок од доход, за да можат во 2019-та пополнетата даночна пријава од УЈП да ја примат во електронска форма и да ја потврдат или пак, корегираат во законскиот рок.

Свето Николовски