Отворена предистражна постапка за злоупотреба на АКМИС системот

02.02.2018 14:45

Судиите од внатрешноста не се задоволни од нивното оценување, бараат одредени корекции. Отворена предистражна постапка за користење на АКМИС системот, односно распоредот на предмети и на судии...

Отворената предистражна постапка за злоупотребите на АКМИС системот во судовите од скопското Јавно обвинителство не е изненадување за претседателот на здружението на судиите Џемали Сахити. Тој е дециден дека секое незаконито постапување треба да се санкционира.

Судските реформи треба да ги спроведе Совет предводен од премиерот Заев чиј состав сѐ уште не е познат. Според ресорниот министер Салији, тоа што во неговиот Совет се предвидува да влезат и претседателите на Врховен суд и на Судски совет, е одраз на политичка волја за целосна вклученост на институциите.

Експертите и судиите се фокусираа на оценувањето на судиите и ингеренциите на Судскиот совет и Врховниот суд. Според академик Камбовски, Врховниот суд согласно Уставот е врв на судската власт и не треба да остане сегашната позиција тој да одговара пред Судскиот совет.

Судиите од внатрешноста укажаа на корекции за соодветно оценување на судиите. Не е исто, велат, кога статистиката покажува дека се оценува 70 проценти на неспорни, наспроти 30 проценти на спорни предмети.

Стартот на Советот за спроведување на реформите во судството беше предвиден за крајот на јануари, но властите не гледаат проблем во пролонгирањето на рокот.

 

Фиљана Кока