Разговори за името

Заев: Ќе дојдеме до решение

02.02.2018 15:09

Оптимизам кај премиерот Заев и министерот за надворешни Коѕијас. Јуни е месецот на можната разрешница на разликата за името. Премиерот и натаму го застапува граѓанското изјаснување за поддршка на евентуалното решение. На 4-ти во Атина протест против употребата на термиот Македонија во нашето уставно име...

Властите во Македонија и во Грција оптимисти дека до средината од годинава ќе се изнајде заедничко прифатливо решение за разликата околу името. Позитивни оценки по засилената меѓусебна комуникација и средбите со посредникот Метју Нимиц искажаа македонскиот премиер Заев, но и грчкиот шеф на дипломатијата Коѕијас. Заев за бугарската ТВ Нова е оптимист дека по изнаоѓање на решение, во јуни на самитот на НАТО ќе биде активирана поканата за членство на Македонија во алијансата.

„Се надевам дека ќе се дојдеме до решенија кои се доволно прифатливи и за двете страни заради тоа што на крајот решението мора да го сочува достоинството и идентитетот на двете земји. Само така се градат пријателства и тоа мора да биде на една трајна и одржлива основа“, вели премиерот Заев.

Македонскиот премиер не го одбегнува референдумот. Вели дека граѓаните треба да го одобрат ново решение.

„Референдумот треба да биде дополнителна гаранција и за нашите пријатели од Република Грција бидејќи со тоа дефинитивно ќе се тргнат сите сомнежи, а народот ќе стои зад решението кое ќе биде прифатено“, нагласува премиерот Заев.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи констатира дека е оправдан оптимизмот оти 2018-та е година кога ќе биде надминат спорот со Грција. Следната ќе биде доцна бидејќи ќе има избори и Балканот ќе излезе од фокусот.

„Мора да бидеме искрени пред граѓаните, дека ако не успееме во 2018-та ние нема да успееме да најдеме решение во следните 10 години. Што ќе значи за една мала држава, надвор од НАТО, надвор од ЕУ, во вакви геополитички случувања, ќе мора сите трезвено да размислуваме“, рече вицепремиерот Османи.

Министерот за надворешни работи Коѕијас во интервју за Ројтерс вели- „Сакаме да го решиме спорот. Тоа е во наш национален интерес и во интерес на регионот, за стабилност, безбедност и економски раст“.

Во следниот период се очекува е нова средба на министрите Димитров и Коѕијас на која грчката страна ќе понуди предлог- платформа.

Миле Ристески