Само со квалитетни проекти може да се стигне до европските пари

02.02.2018 15:37

Заменик министерот за европски прашања, Бујар Османи со градоначалниците од југозападниот плански регион разговараше за начините како поефикасно да се дојде до европските пари. Тој најави дека Владата ќе помогне во изработката на проекти, кои не само што ќе бидат пообемни, туку и поквалитетни...

Општините во Македонија недоволно ги користат средствата што им се на располагање како подршка од претпристапните европски фондови. Тоа го потврдува и податокот дека во периодот од 2007-ма до 2013-та година од резервираните средства биле искористени само 35 до 40 проценти, а во изминатата 2017-та тој процент е далеку помал.

„Не можам да кажам колку минатата година се искористени од тие резервирани условно 100 милиони евра за општините, меѓутоа може да се каже дека процентот е многу мал, нешто можеби околу 10-тина проценти. И една од основните наши цели како Центар за развој е токму да ги поттикнеме општините да придонесуваат со квалитетни проекти“, изјави Стојан Савески, Центар за развој на Југозападен плански регион.

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи најави поголема искористеност на средствата од европските фондови во наредниот период, во исчекување на стратегијата за проширување и добивање на датум за преговори.

„За жал во изминатиот период не можеме да се пофалиме дека премногу сме искористиле, односно не сме реализирале некој проект со парите од европските фондови. Меѓутоа сега можеме да се пофалиме дека наскоро, од пролетва очекуваме да се реализира еден проект во рамките на прекуграничната соработка со Грција. Се работи за проектот за заштита на биолошката разновидност во граничните подрачја“, изјави Зоран Ногаческиградоначалник на општина Дебарца.

На средбата во Струга градоначалниците од Југозападниот плански регион и вицепремиерот Османи најавија дека значаен дел од расположливите средства ќе бидат реализирани на проекти од прекуграничната соработка, но како неопходен предуслов за тоа ќе бидат потребни квалитетни и издржани проекти.

Сашо Нелоски