Меѓуетничката интеграција вклучена во новата Стратегија за образование

02.02.2018 15:45

Младите да учат едни од други, најдиректен начин за меѓуетничка интеграција во училиштата. Ресорната министерка Дескоска најави дека ова ќе биде еден од приоритетите во новата Стратегија за образование.

Стручни училишта атрактивни за младите, наставни планови според потребите на пазарот на трудот, поврзување на средното стручно образование со бизнисот, ова е целта која треба да ја постигне седумгодишната Стратегија за образование.

Според ресорната министерка Дескоска, учениците ќе добијат повеќе практика и со тоа шанса за побрзо вработување. МОН од септември изработи нови наставни планови, сега ќе се прави анализа кои струки се атрактивни, а за кои нема интерес.

Во Стратегијата за образование клучна компонента ќе биде учењето на младите на соживот и толеранција. МОН во наставните програми ќе внесе елементи за запознавање на различностите, мултиетничноста ќе биде застапена и во учебниците.

Се планира учениците од различните етнички заедници да учат во исти објекти, за како што рече Дескоска, да се урнат физичките бариери, тоа да биде позитивно, а не извор на тензии.

Мисијата на ОБСЕ во рамките на проектот „Градиме мостови“ ги поттикнува учениците преку активности да учат за различностите. Проектот се спроведува неколку години, а со него биле опфатени 100 училишта.

 

Викторија Милевска